ИГИ ПОП ГО ОБЈАВИ 19. АЛБУМ И КАЖА ДЕКА ВЕЌЕ НЕМА ДА СЕ ФРЛА ВО ПУБЛИКА

Њујорк, (АФП)

Иги Поп им се врати на своите хард рок корени на 19. студиски албум насловен „Every Loser“, кој излезе вчера. На овој албум тој соработуваше со некои од најзначајните рок гитаристи и тапанари во изминатите три децении, па така му гостуваат Даф Макаган од „Ганс ен роузис“, Стоун Госард од „Прл џем“, Дејв Наваро од „Џејн‘с адикшн“, Чед Смит од „Ред хот чили пеперс“ и неодамна починатиот член на „Фу фајтерс“, Тејлор Хокинс.

Тој навистина остана последниот мохиканец по смртта на Дејвид Боуви и Лу Рид“, изјави Жил Шепс, коавтор на неговата биографија.

Иако не покажува знаци на успорување, Иги Поп сепак е свесен за своите години, па по 55 години настапи, се откажа од своето препознатливо фрлање во публика.

Веќе нема да го правам тоа, си ги знам границите. Имав 40-ина концерти минатата година и неколкупати ја поминав линијата, но не скокнав целосно. Не сакам веќе да ризикувам, можам да се повредам“, изјави „кумот на панкот“.

Тој првпат се фрлил во публика на вториот концерт во својата кариера, настапувајќи пред Френк Запа. Место да го фатат, тогаш паднал директно на подот.