ИГОР ЏАМБАЗОВ И САРА МЕЈС ЈА СНИМИЈА ЗАЕДНИЧКАТА ПЕСНА „ТАТО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Сара Мејс и девојките“ се гости на новата песна на Игор Џамбазов. Поп-пејачката и харфистка Сара Мејс вели дека ѝ е драго што таа и нејзината женска група снимија дует со Џамбазов.

„Песната се вика ‘Тато’, ја напиша Игор, ја снимивме пред неколку дена заедно со спот. Се надевам дека наскоро ќе излезе и ќе ѝ се допадне на публиката“, вели Сара Мејс и додава дека наскоро ќе кажат повеќе за приказната на песната.

Во јуни, таа во Операта сними спот за песната „Хероина“, која, како што кажа тогаш, им ја посвети на сите жени кои не се откажуваат од борбата. Во спотот кој Сара Мејс го режираше учествуваат педесетина статистки, меѓу кои и познати жени од Македонија.

„Песната доаѓа од она што сум го почувствувала и сфатила досега во мојава животна приказна. Сум имала падови и во детството и денес, битки има постојано, а најголемите битки се оние кои ги водиме со самите себе. Најважно е да ги решаваме, да продолжиме понатаму, колку и да ни е тешко понекогаш. Тоа нѐ прави посилни, тоа нѐ прави хероини“, кажа Сара Мејс.

Како харфистка беше гостинка на камерниот оркестар „Профундис“ на концертот со српскиот виолинист со светска кариера Стефан Миленковиќ во септември во Филхармонијата. Свиреше и со оркестарот на Филхармонијата на отворањето на сезоната на концертот „Го славиме јубилејот“.

М. ЏАРОВСКА