ЈОЦЕ ПАНОВ ЌЕ СЛАВИ 25 ГОДИНИ НА СЦЕНАТА СО КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ НА 8 МАРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачот Јоце Панов ќе го одржи својот прв солистички концерт во Скопје на 8 март, Меѓународниот ден на жените. Концертот во Филхармонијата (20 часот) е замислен како прослава на неговите 25 години на сцената.

„По повод 25 години кариера одлучив да ѝ се одолжам на мојата публика, на сите оние кои ме поддржуваат и повеќе од две децении се присутни на моите настапи. Во секоја песна оставам дел од мојата душа. Љубовта која ја добивам од публиката е мојот извор на енергија и мотивација за секој следен проект”, рече пејачот.

Првиот солистички концерт во Македонија Панов го одржа во родниот Штип во 2007. Во тоа време имаше снимено неколку песни, а до денес има објавено повеќе од 50, велат од неговиот тим.

На концертот, кој е посветен на женската публика, Панов ќе пее со оркестар, а сцената ќе биде украсена со рози, најавуваат организаторите. Билетите се продаваат преку мрежата на Мк тикетс.