ЌЕРКА МИ НЕМА НИ ДВЕ ГОДИНИ И ВЕЌЕ Ѝ СЕ ДОПАЃА СКОПЈЕ, РЕЧЕ ПЕТАР ГРАШО, КОЈ ВО МАКЕДОНИЈА ДОЈДЕ СО ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватскиот кантавтор Петар Грашо сношти во Филхармонијата го одржа вториот од трите закажани концерти во Скопје.

Она што настанот го направи посебен е акустичната изведба на Грашо и неговиот бенд, во придружба на камерен гудачки оркестар. Грашо е мајстор за комуникација и топол однос со публиката, што освен песните, го прави добредојден во целиот регион. Пеејќи ги своите најголеми хитови од 1996 до денес, пејачот од Сплит традиционално го испочитува и својот семеен пријател и ментор Оливер Драгојевиќ, пеејќи ја неговата песна „Двапати умрев“ (Два пут сан умра).

На крајот од концертот, публиката беше на нозе и ги поздрави музичарите со светлата од телефоните (Фото: С, Самандов)

„Оваа песна ми е важна поради двајца луѓе: нејзиниот автор Тончи Хуљиќ, кој во последно време е актуелен по тоа што Петар Грашо ја зеде за жена неговата ќерка, а вториот е големиот Оливер. Дојдов овде со сопругата и ќерката. Таа нема ни две години и веќе ѝ се допаѓа Скопје“, рече Грашо за ќерката Алба, која во јули ќе наполни две години.

Грашо неколкупати погледна накај горната ложа, од каде што концертот го следеше сопругата Хана Хуљиќ, која е пејачка и композиторка,

„Ми се враќаат слики од детството со Оливер. Ние деца, семејно собрани, тој свири хармоника, пред него чаша вино и цигари. Нашите семејства постојано се собираа и пееја заедно. И, ете, израснавме здрави. На денешните деца сѐ нешто им е забрането“, рече Грашо и додаде дека Драгојевиќ му ја дал довербата кога имал само 16 години и испеал песна која тој ја напишал.

Фото: С .Самандов

Пејачот ги поздрави и неговите родители Снежана и Зоран, инаку поранешен кошаркар, кои исто така дојдоа во Скопје.

„Првиот концерт овде го имав во Универзалната сала во 2001. Тогаш дојдоа и моите родители. И сега се тука некаде во публика, со своето друштво, повторно по 23 години“.

Во најава, а и во песна го испочитува и Мишо Ковач, пеејќи обработка од негов хит, откако рече дека за тоа го замолил композиторот Ѓорѓе Новковиќ, авторот на песната „Никого не сум сакал така“ (Никога нисам волио тако).

„Му реков на Ѓорѓе: ‘Како јас да пеам песна од Мишо?’ Ми рече дека ќе биде супер ако ја преработам на мој начин и излезе супер“, кажа Грашо.

Фото: С.Самандов

На крајот, по бисот ја поздрави публиката со интересна порака:

„Денес е сѐ лажно. Девојките кои немаат големи гради ги прават поголеми со филтри на Инстаграм. Можете да се сликате во својата бања и да ставите позадина од Дубаи. Но, она што не може да се излаже се љубовта и енергијата кои ги даваме“.

Концертите ги организира продукцијата „Прагма“, а третиот е утре од 21 часот во Филхармонијата. Грашо ќе одржи концерт и во Струмица, во Домот на култура на 30 април.

М. ЏАРОВСКА