КИРЕ КОСТОВ МИ РЕЧЕ „СЕДНИ ТУКА ДЕТЕ, ОТСЕГА ЌЕ УЧИШ ОД МЕНЕ“, ВЕЛИ МУЗИЧАРОТ ЉУПЧО МИРКОВСКИ ПРЕД КОНЦЕРТОТ ПОСВЕТЕН НА КОСТОВ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Најубавите песни од композиторот Кире Костов, како и неговите инструментални дела ќе ги свири Биг бендот на концерт во Скопје, в сабота пред Порта Македонија од 21:30 часот. Со Биг бендот ќе диригира Љупчо Мирковски, а како солисти настапуваат Андријана Јаневска, Дани, Наде Талевска и Ламбе Алабаковски. Концертот е во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“.

Музичарот и диригент ни изјави дека со радост го подготвува овој настан, затоа што со Костов биле пријатели долги години, кој му е и венчален кум.

„Кога имав 18 години, за првпат засвирев со Биг бендот, Кире тогаш беше трубач, како мене. Седнав на моето место, а Кире дојде и ми рече: ‘Дете, јас сум Кире Костов. Седни до мене, отсега ти ќе учиш од мене‘. И така, цел свој живот учев од Кире. Потоа ми стана семеен пријател и венчален кум. Има многу убави приказни кои ќе ме потсетуваат на него“, ни изјави Мирковски.

Кире Костов му бил венчален кум на Љупчо Мирковски. (Фото: Приватна архива)

Изборот на пејачите кои ќе ги пеат песните на Костов е заеднички, на Мирковски и бендот, како и изборот на композициите. Од 20 часот, пред настапот на Биг бендот, концерт ќе одржат учениците од рокенрол музичкото улилиште на Валентино Скендеровски.

Костов има напишано преку триста песни од популарната музика

Кире Костов почина на 27 јули годинава по подолго боледување на 73-годишна возраст. Од 1970 до 1988 бил прв трубач и солист на Танцовиот оркестар на тогашната Радио-телевизија Скопје, а од 1988 до 2010 и негов диригент. Како единствен претставник на тогашна Југославија, учествувал во Биг бендот на Европската радиодифузија, кој бил составен од по еден инструменталист од секоја земја од Европа. Костов бил прогласен за најдобар трубач во Југославија и така бил избран да ја претставува Југославија во тој оркестар.

Автор е на педесетина џез композиции во оркестарска изведба. Во популарната музика има напишано околу 300 песни, како „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Синот божји“, „Тајно моја“, „Илузија“, „Што те нема“ и многу други.

М. ЏАРОВСКА