Гитаристот Мухамед Ибрахими вечерва ќе одржи концерт во малата сала на Филхармонијата, со почеток во 20 часот. Концертот го организира „Баги комуникации“.
„Ибрахими е музичар кој својата гитара ја третира на многу интуитивен и инспиративен начин, свирејќи го спонтано само она што го чувствува и извира директно од него. Неговите композиции се автентична мешавина од повеќе музички стилови, во кои сосема природно се спојуваат блузот и рокот, традицијата и сегашноста“, велат од „Баги комуникации“.
Гости на концертот ќе бидат Ратко Даутовски на перкусии, Џоле Максимовски на бас, Фјола Исмаили на чело и Никола Стојмановиќ на мандолина.
Ибрахими беше гитарист на групата „Бла бла бла“, за себе вели дека е самоук и дека свири на различни инструменти од својата петта година.
(Фото: С. Рајхл)