Поради пожарот во дискотеката во Кочани во кој загинаа 59 луѓе, одложен е концертот на Кирил Џајковски со филмска музика кој требаше да се оджи на 6 април во Националната опера и балет од 20 часот. Македонскиот музичар и композитор ќе одржи концерт на 15 јуни.
„Во овие тажни моменти, нашите мисли се со семејствата на настраданите и повредените во ужасната трагедија во Кочани. Во знак на почит кон сите лица погодени од оваа трагедија, сакаме да ве известиме дека концертот за филмска музика на Кирил Џајковски се одложува и ќе се реализира на 15 јуни во Националната опера и балет.
Сите билети важат за новозакажаниот датум без потреба за замена на билетите. Ако имате потреба од рефундација, следете ги инструкциите кои ќе ги добиете на електронска пошта. Ви благодариме на разбирањето“, објави Џајковски на социјалните мрежи.
Тој напиша музика за многу домашни и интернационални филмови, како „Големата вода“ (за кој доби награда на Филмскиот фестивал во Валенсија), „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, „One More Game“, „Бал-кан-кан“, „Piargy“, „Трето полувреме“ и други.
На концертот, тој ќе биде придружуван од 30-член оркестар, со кој ќе диригира Џијан Емин, а ќе се свири неговата филмска музика. Овој концерт претставува своевидна ретроспектива на 25-годишната филмска работа на Џајковски.