КОНЦЕРТОТ НА ВЛАДИМИР НИКОЛОВ СО НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР ЈА ВООДУШЕВИ ПУБЛИКАТА ВО ВЕЛЕС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Публиката со овации го испрати музичарот Владимир Николов кој одржа концерт сношти (23 ноември) во Велешкиот театар со Националниот џез оркестар.

Авторскиот концерт насловен „Crossover Stories” вклучи композиции од различни периоди во изминативе 22 години од неговата авторска музика. Николов моментално е професор на Факултетот за музичка уметност во Белград.

„Ќе слушнете и неколку мои композиции, кои досега не се изведени во Македонија но се свирени на светските сцени, но и неколку светски премеири“, кажа Николов.

Публиката од Велес и од Скопје ги врати музичарите на бис, наградувајќи ги за одличниот настап.

Владимир Николов е композитор чие творештво опфаќа широк спектар на жанрови, користејќи ги искуствата во класичната музика и џезот како точка на поаѓање. Веќе подолго време е “зад сцената”, како аранжер во светски оркестарски проекти, но често настапува и како диригент со реномирани солисти и ансамбли.

Како редовен аранжер на еден од најдобрите ревиски оркестри во светот „Метропол Оркест“ од Холандија, соработувал со врвни имиња како Џон Клејтон, Ренди Брекер, Винс Мендоза, Џулс Бакли и Џејкоб Колиер. Како автор и лидер на бенд има издадено три студиски албуми со ансамблот „Николов-Ивановиќ Ундектет“.

П. ПЕЧКОВ