„КОТОН БЛУЗ ФЕСТИВАЛ“ – МАЛ, ИНТИМЕН И НАПРАВЕН СО МНОГУ ЌЕФ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Додека светската концертна сцена поминува низ досега невидена криза поради коронавирусот, Скопје доби нов блуз фестивал – мал, интимен, правен како за блиски пријатели.

„Котон блуз фестивал“ е дело на група ентузијасти предводени од педијатарот Гого Паскалов, кои не ги поколебаа предизвиците на новата реалност и реализираа идеја, што почнаа да ја промовираат уште лани. Наметнатите протоколи кои концертите ги претворија во седенки можеби и не го нарушија многу концептот на фестивалот, бидејќи тој од старт беше замислен токму така – мал, интимен, акустичен, за вистинските љубители на блузот.

(Фото: СМАРТ СДК.МК)

Со гости-музичари од Србија, Белгија, САД и Велика Британија, двовечерниот фестивал, што се одржа на платото пред Националната опера и балет, веднаш се стекна со меѓународен карактер, што е уште еден голем успех во ова непредвидливо време, кога во секој момент можат да се затворат граници. А, тоа што некои од учесниците заради настапот во Скопје биле спремни да се тестираат за коронавирус, а потоа и да одат во карантин, покажува колку сите се желни за свирење и интеракција со публиката.

„Котон блуз фестивал“ изгледаше како нешто направено со многу ќеф.

Г. КОНЕВ