„КРЕНБЕРИС“ ГО НАЈАВИ ПОСЛЕДНИОТ АЛБУМ НА ПРВАТА ГОДИШНИНА ОД СМРТТА НА ДОЛОРЕС О‘РИОРДАН

Лондон, (Би-Би-Си)

„Кренберис“ објавија нова песна на првата годишнина од смртта на пејачката Долорес О‘Риордан, потврдувајќи дека дефинитивно ќе се разделат по издавањето на својот последен албум во април.

Преживеаните членови на групата гостуваа на „Би-Би-Си радио 2“, кога премиерно беше пуштена песната „All Over Now“, со вокали што О‘Риордан ги снимила непосредно пред да почине. Таа беше пронајдена мртва во хотелска соба во Лондон на 15 јануари 2018 и аутопсијата покажа дека се удавила во када под дејство на алкохол.

Гитаристот Ноел Хоган вели дека Долорес оставила само една строфа и рефрен од песната.

„Работењето на песната емотивно нѐ исцрпи. Најтешкиот дел за нас беше кога неколку месеци по нејзината смрт повторно им се вративме на демо снимките. Беше тешко да се слуша гласот на Долорес низ звучниците“, се присети Хоган.

Користејќи ги демо снимките направени кон крајот на 2017 година, бендот успеа да го доврши албумот. Насловен „Крај“, тој ќе излезе на 26 април.

„Се надевам дека албумот ќе биде славење на она што бендот и Долорес го имаат оставено зад себе“, додаде Хоган.