„КРЕНБЕРИС“ ГО ОБЈАВИ ФИНАЛНИОТ АЛБУМ СО ДОЛОРЕС О‘РИОРДАН – МЕСТО НОВ ПОЧЕТОК, ОВА Е КРАЈ

Лондон, (АП)

Мајк Хоган и останатите членови на „Кренберис“ работеа на нови песни кон крајот на минатата година и имаа договорено турнеја во Кина пред да почнат да прават нов албум, но сè се промени на 15 јануари, кога пејачката Долорес О‘Риордан беше пронајдена мртва во хотел во Лондон. Дополнително беше потврдено дека таа се удавила во када под дејство на алкохол.

Таа зад себе оставила вокални делници за она што требаше да биде последен албум на групата. Преживеаните членови Мајк и Ноел Хоган и Фергал Лоулер одлучија да го довршат и издадат албумот во знак на сеќавање на неа. Албумот „На крајот“ (In the End) излегува денеска и ќе значи дефинитивен крај на бендот, иако, всушност, требало да биде нов почеток.

По смртта на Долорес, бевме доста збунети и се соочивме со прашања што да правиме со материјалот. Ја имав сета таа музика во компјутер и се мислев дали да ја слушам, дали да ја заборавам. Потоа го контактирав нашиот продуцент Стивен Стрит, кој ни сугерираше дека е најдобро веднаш да го издадеме албумот“, се присети басистот Мајк Хоган.

Со дозвола од семејството на О‘Риордан, тој почнал да ги преслушува демо снимките на кои работеле уште откако во јуни 2017 година се родила идејата за нов албум.

Откако ја снимивме последната песна ‘Крај‘, бев свесен дека тоа е последен пат ние тројца да свириме заедно како ‘Кренберис‘. Веќе не се гледам себеси во тој бенд, тоа е зад мене. Од друга страна, овој албум го претставува новиот почеток што Долорес го сакаше за себеси. Таа сметаше дека завршува со еден лош период од својот живот и дека ова е ново поглавје“, вели Хоган.