„КРЕНБЕРИС“ ГОДИНАВА ЌЕ ГО ИЗДАДАТ ПОСЛЕДНИОТ АЛБУМ СО ДОЛОРЕС О‘РИОРДАН

Лондон, (Ролинг стоун)

„Кренберис“ продолжуваат понатаму и оваа година планираат да издадат нов албум.

Тој бил во фаза на подготовка кога пејачката Долорес О‘Риордан почина во јануари, за кој таа уште лани ги снимила вокалите.

„По многу размислување, решивме да го довршиме она што го почнавме. Ова го почнавме со Долорес и треба да го завршиме. Тоа е нашиот план. Да го завршиме овој проект и да објавиме специјално издание по повод 25-годишнината од нашиот прв албум, подоцна оваа година“, соопшти групата.

Реиздавањето на првиот албум „Сите го прават тоа, зошто не би можеле и ние“ требаше да се случи порано, но беше одложено поради ненадејната смрт на О‘Риордан. Таа почина на 15 јануари во Лондон и за точната причина за смртта ќе треба да се почекаат дополнителни испитувања.

„Наследството на Долорес ќе биде нејзината музика. Сите сме многу посветени на тоа. Некои музичари се паметат по само една песна, Долорес ги има многу“, вели гитаристот Ноел Хоган.