Вечерва во Крушево, во предвечерието на одбележувањето на Илинден, на сцената кај Гумење, концерти ќе одржат гитарските виртуози Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, а по нив Филхармонијата и Здружението на џез музичари на Македонија (ЗЏМ), под диригентство на Џијан Емин. Стефановски и Тадиќ ќе го изведат албумот „Крушево“, со почеток во 20.30 часот.
Општина Крушево вели дека со овие концерти стартува манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, во рамките на која, меѓу другото, ќе се одбележуваат унгарската и влашката култура и ќе бидат промовирани книгата посветена на бегалците од 1956 година „Под пазувите на коријата“ и албум и книга со влашки песни.
На 5 август е отворањето на Светското првенство во параглајдерство, кога ќе настапи групата „Фолтин“, а потоа и тенорот Влатко Груевски на концертот насловен „Трибјут за Тоше Проески“.
Манифестацијата трае до 10 август.