„Mi Monastir“ или „Моја Битола“ е авторска песна напишана и испеана од познатата американска ладино пејачка Сара Ароестe, која води потекло од старо битолско еврејско семејство. Песната е дел од нејзиниот албум „Монастир“ со 10 песни, стари и нови, поврзани со некогашниот живот на Евреите во Битола. Во овој музички проект учествуваа 30 уметници од Македонија и Израел, а албумот се снимаше во студиото „Гимел“.

„Јас ја напишав ‘Моја Битола’, инспирирана од корените кои ме поврзуваат со Битола, од раскажувањата за животите на моите претци, некои од нив живееле на Широк Сокак. Сакав музички да се осврнам на она што го доживувам кога ќе го посетам родното место на мојата фамилија“, рече Ароесте.

Албумот ја содржи и „Од Битола појдов“ народна македонска песна која Ароесте ја преработи во модерен аранжман, а учествуваат и музчичарите Вевки Амедов, Сефедин Бајрамов и Мими Марковски. Песната „Јовано Јованке“ за првпат е препеана на хебрејски јазик, а во „Едно време си бев ерген“ пее и хорот од детската градина која го носи името на Еврејката „Естреа Овадија Мара“.

За двете песни „Моја Битола“ и „Од Битола појдоф“ продукцијата „Гимел“снима видео спотови во Битола, па ќе има и флеш моб на кој можат да се приклучат сите битолчани кои сакаат да учествуваат. Се снима и во некогашната куќа на семејството Ароесте на Широк Сокак каде денес е сместена пицеријата „Равена“.

Претците на Сара ја напуштиле Битола за време на Балканските војни, поради лошата економска состојба и законот кој налагал да се приклучат кон војската. Подоцна, во 1930 година баба ѝ и дедо ѝ Битола ја посетиле за време на свадбеното патување. Снимиле црно-бел видео материјал, па се вратиле во Америка каде продолжила да се развива семејната лоза. Сара денес живее во Масачусетс. Други роднини од семејството Ароесте и Нахмијас загинале во Холокаустот.

Ж. ЗДРАВКОВСКА