ЛЕДИ ГАГА ЌЕ ИМА БЕСПЛАТЕН КОНЦЕРТ НА ПЛАЖАТА КОПАКАБАНА ВО РИО

Рио де Жанеиро, (Ројтерс)

Поп-ѕвездата Леди Гага ќе одржи бесплатен концерт на најпознатата плажа во Рио де Жанерио, Копакабана, во мај идната година. Се очекува да дојдат стотици илјади обожаватели.

На ланскиот концерт, Мадона привлече 1,6 милиони луѓе. Изминатите години настапија и ѕвезди како „Ролинг стоунс“, Род Стјуарт и Лени Кравиц.

Овој настан е дел од ангажманите на градоначалникот Едуардо Паес, кој носи светски суперѕвезди да настапуваат бесплатно, за што властите велат дека дава поттик за локалната економија.

„Градоначалникот веќе рече дека неговата цел е да донесе спектакли во Рио. Мадона беше апсолутен успех. Леди Гага исто така ќе биде хит и туристичкиот пазар многу добро ќе одговори на тоа“, рече шефот на хотелскиот синдикат во Рио, Алфредо Лопес.

(Фото: Гети)