ЛИБАНСКИОТ МАЈСТОР НА УД МАРСЕЛ КАЛИФЕ ВЕЧЕРВА СВИРИ СО ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Звукот на Ориентот“ е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата (20 часот), на кој како солист ќе настапи либанскиот музичар, композитор и мајстор на уд Марсел Калифе. Диригент ќе биде неговиот сонародник Лубнан Балбаки, а Калифе ќе го придружува и мешаниот хор „Про арс“.

На програмата на концертот ќе бидат неколку авторски дела на Калифе, кој по десет години повторно ќе свири со оркестарот на Филхармонијата во Скопје.

Калифе е роден во 1950 година, студирал уд на Националниот музички конзерваториум во Бејрут, а во речиси петдецениската кариера снимил 16 студиски албуми. Во 2005 беше именуван за Уметник за мирот на УНЕСКО.