„ЉУБОЈНА“ СЛАВИ 20 ГОДИНИ И ПРОМОВИРА НОВО ВИНИЛНО ИЗДАНИЕ НА ВТОРИОТ ФЕСТИВАЛ „КРАЈ ВАРДАРОТ ЏЕЗ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Два повода ќе ја стават групата „Љубојна“ во фокусот на второто издание на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“, што во организација на „ПМГ џез“ ќе се одржи во кругот на Младински културен центар во Скопје. В недела, концертно ќе се промовира саундтракот за првиот македонски детски игран филм „Стела“, напишан од „Љубојна“, а кој „ПМГ џез“ го објави на винил.

„‘Љубојна‘ секогаш пристапува со нова свежина и како одново да почнува со секој нов проект. Така беше и со музиката за ‘Стела‘. Различно овојпат е што има поавторски пристап и посмели комбинации на музички изрази. Ново е што и јас влегувам во кантавторски, поетски води и има неколку мои текстови. Музиката повеќе ја следи атмосферата на филмот отколку приказната“, вели пејачката на „Љубојна“, Вера Милошевска-Јосифовска.

„Крај Вардарот џез“ исто така ќе биде продолжение на прославата на 20 години постоење и творење на „Љубојна“.

„Во чест на јубилејот веќе отсвиревме неколку специјални настани и сите беа од различен карактер. За секој концерт од прославата имаше различен материјал, па музичарите веќе се при крај со нервите. Се шегувам. Овојпат ќе биде многу гласно и разиграно и ќе одговара на тоа што публиката ќе стои. Ќе се свират песните од ‘Стела‘ и друг материјал што одговара на нив“, изјави лидерот на „Љубојна“, Оливер Јосифовски.

На 6 октомври, на вториот ден од фестивалот посветен на новиот бран на македонскиот џез, ќе настапат пијанистот Дино Имери и квартетот „Такси конзилиум“, еден од многуте проекти на гитаристот Филип Букршлиев. Овие концерти ќе се одржат во кино Фросина во МКЦ.

„За период од три и пол години, ‘ПМГ џез‘ успеа да објави 30-ина изданија, што поттикна нов бран на македонската џез сцена. Откривањето, развојот и презентацијата на извонредниот квалитет кој постои во Македонија е главниот интерес на ‘ПМГ џез‘ и на фестивалот што го организираме“, вели Мирко Попов, еден од основачите на „ПМГ џез“.

Г. КОНЕВ