МАГИЈАТА НА БОЖИЌНИТЕ ПРАЗНИЦИ НИЗ ПЕСНА ЈА ПРЕНЕСОА САРА МЕЈС И ДЕВОЈКИТЕ НА КОНЦЕРТОТ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ.СДК.МК)

Сара Мејс со девојките на Божиќниот концерт ја развеселија публиката во распродадената сала на Велешкиот театар, кој се одржа сношти (10 јануари). Пеејќи Божиќни песни таа и девојките, во музичка придружба на Камерниот оркестар од Битола, ја донесоа магијата на празничната вечер.

„Вообичаено за Божик, семејството се собира дома, за да го одбележи овој голем христијански празник. Ви благодарам што нѐ примивте како дел од семејството и со оваа музичка вечер, да донесеме убави и пријатни емоции“, кажа Мејс на почетокот на концертот кој  траеше час и половина.

Фото: СМАРТ.СДК.МК

Публиката ги слушна хитовите на Мараја Кери, на дуото „Вем“, традиционални новогодишни хитови, во два наврати „Jingle bells“, при што втората а капела верзија ја крeна публиката во театарот на нозе.

Пејачките ги изведоа и  македонските божиќни песни „Вечниот Бог“ и „Небо и земја“ , украинската „Шчедрик“, а Мејс на харфа ја изведе нејзината песна „Псалм 150“.

Следеа поп хитови, а концертот заврши со „Њујорк, Њујорк“, „Фелиз навидад“, „Елко, елко“ и  песната на Сара Мејс, „Среќна Нова година“. Но публиката со громоглaсен аплауз не им дозволи на изведувачите да заминат од сцената, по што тие се појавија уште два пати на бис.

Фото: СМАРТ.СДК.МК

Помагатели на концертот беа театарот Јордан Хаџи Константинов Џинот и Општинската организација на Црвен Крст Велес, оти тој беше со хуманитарна цел. Сите пари од продадените билети ќе се пренаменат за набаика на потребна опрема за Детското одделение од Општа болница Велес.

П. ПЕЧКОВ

(Фото: Општина Велес)