Италијанскиот тенор Федерико Сера сношти одржа романтичен концерт посветен на жените во црквата „Света Софија“ во Охрид, во организација на Охридско лето. Сера пееше популарни песни од Цезар Франк и Ернесто де Куртис, со кои често настапувше Лучано Павароти, како и од Андреа Бочели, меѓу другите. Го следеше пијанистот Антонио Кампоногара, кој отсвире три соло композиции.
Освен што беше вокално добар, гостинот од Италија беше и забавен. На половина од концертот изведе трик со карти, вадејќи ја замислената карта од чевелот на една од гостинките од првите редови.
„Третпат сум во Македонија и секогаш кога ќе ми најават, едвај чекам да дојдам. Организаторите нѐ изненадуваат со добри ресторани. Македонската кујна ми е еднакво добра, знае да биде и подобра од италијанската“, ни рече тенорот пред настапот.

При крајот на концертот, тој ја најави познатата „Ќе заминам со тебе“ (Con Te Partiro), која милиони луѓе ја слушаа од Андреа Бочели, кој му бил ментор на Сера, а сега неговиот ученик доби голем аплауз за неа во Охрид.
„Драго ни е што и овој концерт е дел од оние кои се одржуваат надвор од летната фестивалска програма. Имавме новогодишен концерт со оркестарот на Националната опера и балет, а по осмомартовскиот концерт, следува велигденскиот. Ова ќе стане убава традиција“, рече на крајот директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ.
М. ЏАРОВСКА