МАКЕДОНСКИОТ БЕНД „КОБАЛТ КОД ЈУНИТ“ СО ЛАУРЕАТОТ ТЕОДОСИЕВ ЈА ЗАТВОРА ВТОРАТА ВЕЧЕР НА 42. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Богатата програма на втората вечер на 42. Скопски џез фестивал почнува во 20 часот во Националната опера и балет, кога настапува бендот на италијанскиот саксофонист Роберто Отавијано. Станува збор за музичар кој е присутен на светската џез сцена 30-ина години и е еден од лидерите на италијанскиот џез. Во Скопје ќе се претстави со својот нов проект, квинтетот „Eternal Love“, посветен на Африка, на нејзините луѓе, култура и музика.

Од 22 часот на истата сцена е концертот на дуото Силви Курвоазие (Швајцарија, пијано)-Мери Халворсон (САД, гитара), составен од две прославени современи импровизаторки.

Курвоазие како пијанистка ги премостува фри џезот и европската класична музика, а Халворсон е деконструктивна импровизаторка, силно поврзана со бруклинската авангардна џез сцена“, најавуваат од СЏФ.

Полноќниот термин во Младински културен центар е резервиран за македонскиот бенд „Кобалт код јунит“, што го сочинуваат Благојче Томевски (кларинет), Стефан Миладинов (гитара), Симеон Ангеловски (бас гитара, синтисајзер, хармоника) и Драган Теодосиев (тапани). Досега имаат објавено два албума.

Тапанарот и композитор Теодосиев е годинешниот добитник на традиционалната награда за најдобар млад македонски џез музичар, што ја доделува Скопскиот џез фестивал (СЏФ), а ќе му биде врачена вечерва на концертот со „Кобалт код јунит“.