Со денешното кревање на фестивалското знаме, се најави 33. издание на Макфест, кое ќе трае три дена, што ги вклучува двете полуфинални вечери и финалето в сабота.

Макфест годинава ќе се одржи без учество на странски пејачи. И актуелниот рекордер Ристо Самарџиев нема да пее, но со две свои композиции ќе ја брка петтата титула. Тој е најкомплетниот макфестовец, затоа што речиси да нема испуштено година, како пејач, текстописец или аранжер.

Самарџиев првпат победи во 1997 година, потоа две години подоцна, па во 2007, а последен пат беше победник во 2009 година со песната „За милион години“, заедно со Дуле и Коки. Годинава, Ристо Самарџиев со музика и текст ќе биде застапен на двете полуфинални вечери, првата со композицијата „Караван“, а втората со „Мое мило“.

Уметничкиот директор Владимир Дојчиновски најави дека годинава нема да има оркестар, а изведувачите со подготвени матрици ќе пеат во живо.

Наградата за најдобра композиција и изведба изнесува 5.000 евра, втората 4.000, а третата 3.000 евра. Награди ќе има и за најдобри аранжман и сценски настап, а единствено ќе нема награда за најдобар текст.

Т. ЈОВАНОВСКИ