МАНОЛО ГИМЕНЕЗ, ЕДЕН ОД ПЕЈАЧИТЕ НА „ЏИПСИ КИНГС“, ЌЕ НАСТАПИ ВО БИТОЛА НА 30 НОЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 28 ноември до 1 декември во Битола ќе се одржи 16. Фестивал на музика од светот, во организација на Центaрот за култура.

Првата вечер е поетско-музичкиот перформанс „Волкот на љубовта“ на Бранислав Николов и Тихомир Јанчовски, на кој ќе ги изведат најубавите љубовни песни од македонската современа сцена. Настанот ќе се одржи на Новата сцена од 20 часот.

На 29 ноември, на Големата сцена ќе настапи Камерниот оркестар од Битола со програмата „Етно симфонија“, во која учествуваат Сузана Спасовска (вокал), Благојче Трајковски (кларинет) и Петар Горко (актер).

На 30 ноември од 20 часот гостува Маноло Гименез, еден од пејачите на легендарните „Џипси кингс“, кој со својот бенд ќе ги испее најголемите хитови на оваа група, заедно со свои авторски песни. Концертот ќе се одржи на Големата сцена во Центарот за култура.

На завршната вечер, од 20 часот во Офицерскиот дом ќе се одржи „Балкан мјузик проџект“, на кој дувачкиот квинтет „Македонија“ и Дувачкиот квинтет на Белградската филхармонија ќе свират дела инспирирани од балканската музичка традиција.

Ж. ЗДРАВКОВСКА