„МЕТАЛИКА“ ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈГОЛЕМ КОНЦЕРТЕН БЕНД НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Сан Франциско, (НМЕ)

Легендите на хеви металот „Металика“ се прогласени за најголем концертен бенд на сите времиња.

Новата студија на „Полстар“ покажува дека „Металика“ има продадено 22,1 милион карти од 1982 година, чија вкупна вредност изнесува 1,4 милијарди долари, што ја прави најуспешна концертна група во историјата. „Металика“ има свирено во 48 држави на сите седум континенти, вклучувајќи го и Антарктик, што малку бендови го имаат направено.

На актуелната светска турнеја „WorldWired“, групата има продадено 4,1 милион карти, што донесло приход од 430 милиони долари, но и донираше 1,5 милиони долари за хуманитарни цели.

„И натаму продолжувам да верувам дека нашите најдобри години се пред нас. Секогаш велам дека нашиот најдобар албум е следниот, тој што сѐ уште не сме го снимиле. Ние сме бенд кој секогаш гледа во можностите што се пред нас“, вели основачот и тапанар на „Металика“ Ларс Улрих.

На второто место е „Ганс ен роузис“ со досега заработени 800 милиони долари.