„МЕТАЛИКА“ СЕ ВРАЌА ВО ЕВРОПА НАРЕДНАТА ГОДИНА СО СЕРИЈА КОНЦЕРТИ НА СТАДИОНИ

Лос Анџелес, (Ролинг стоун)

Хеви метал гигантите „Металика“ повторно ќе се вратат во Европа наредната година, со серија концерти на стадиони, турнеја што ќе трае од мај до август. Се очекува деталите од турнејата и официјално да бидат објавени во септември.

„Металика“ тукушто одработи 24 однапред распродадени концерти низ континентот и турнејата ја продолжува кон крајот на летото, кога почнува со концерти во Северна Америка.

Бендот ја почна актуелната светска турнеја во Јужна Америка, еден месец пред излегувањето на последниот албум во ноември 2016 година.

Иако во САД свиреа на стадиони, европскиот дел од турнејата се одржа, главно, во затворено.

Минатата година, турнејата донесе заработка од 110,3 милиони долари во Северна Америка и 152,8 милиони на светско ниво.

„Ние сме шокирани на колку луѓе сè уште им значи бендот. Тоа е многу инспиративно. Имајќи предвид колку добро беше прифатен нашиот последен албум, турнеја на стадиони беше нешто што мораше да се направи“, вели тапанарот Ларс Улрих.