МЛАДИНСКИОТ СВЕТСКИ ЏЕЗ ОРКЕСТАР СО КОНЦЕРТ ВО СУЛИ АН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 22 часот во Сули ан, на Скопско лето, концерт ќе одржи Младинскиот светски џез оркестар под диригентство на светски признатиот тромбонист, композитор и професор од САД, Луис Бонила.

Ова е првиот интернационален младински џез оркестар во светот, формиран во 2012 година, а составен е од 18 млади професионални џез музичари, избрани преку отворени глобални аудиции.

Бендот работи со најдобри диригенти, уметници и композитори во светот и годишно оди на турнеја, појавувајќи се на престижни европски места и фестивали.

Младите музичари, претставувајќи 12 земји и шест континенти, месецов ја почнаа турнејата низ Македонија, Бугарија, Хрватска и Словенија.

Концертот се организира во соработка со Музичка младина на Македонија, а билетите се продаваат во „Југотон рекордс“ по цена од 200 денари.