Два ансамбла ќе направат голема гужва на сцената во Националната опера и балет на третиот ден на 40. Скопски џез фестивал.
Вечерта во 20 часот ја отвора колективот на Јордан Костов, кој брои 16 членови. По потекло од Кавадарци, Костов е меѓународно признат хармоникаш, пијанист, композитор и продуцент, кој припаѓа на помладата генерација на македонски џезери. Ова ќе биде концертна промоција на неговиот најнов албум „Intertwining a Fugue“.
Од 22 часот, на сцената излегуваат еднакво многубројните Португалци „Л.У.М.Е.“, што е скратено од „Лисабонски андерграунд музички ансамбл“. Предводен од композиторот и пијанист Марко Баросо, овој нетипичен биг-бенд е составен од 15 џез и класични музичари, во кој доминираат дувачки инструменти.
Програмата потоа се сели во Младински културен центар, каде што на полноќ ќе настапи американската поетеса, музичарка и активистка Мур Мадр, што е уметничкото име на Камае Ајева. Како специјални гости ќе ја придружуваат саксофонистот Матс Густафсон и перкусионистот Дуду Куате.