НА 60 И КУСУР ГОДИНИ НИ ЕДНА НЕ МЕ САКА И СИ ПИШУВАМ ПЕСНИ, РЕЧЕ ВЛАДО ЈАНЕВСКИ НА РОМАНТИЧНИОТ КОНЦЕРТ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Речиси сите песни на Владо Јаневски се големи хитови, има верна публика повеќе од 30 години, секогаш знае што да ѝ раскаже, и затоа кај него нема промашување, концертите му се успешни и посетени.

Таков беше концертот во Античкиот театар на 10 август во Охрид, со полн партер и трибини, бенд од искусни и познати музичари и придружни вокали и весела публика која го следеше во сите песни.

„За оваа песна снимавме спот одамна во Универзална сала, бог да ја прости, што да правиме, изгоре“, рече Јаневски пред да ја пее „Две души и месечина“, и најави дека и за новата песна се снима спот на концертот во Антички. „Насмејте се ако ви се доближи камера, снимаме спот. Сега ми јавија дека уште згодни девојки дошле, ќе ја повториме песната уште еднаш“, рече Владо Јаневски.

На сите љубовни балади, а ги има многу, публиката гласно пееше и палеше запалки, а Јаневски рече дека и неговите брзи песни се тажни и меланхолични.

Обожавателките на Владо Јаневски се сликаа со него пред сцената (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Каролина Гочева ми рече: Владо, тебе и брзите песни ти се тажни љубовни приказни. А, јас што да правам? Остарев, на 60 и кусур години ни една не ме сака и си пишувам песни“, кажа кантавторот низ насмевка.

За песните „И тогаш некоја будала“ и „Ненормален“ се пошегува и рече: „Сигурно на многумина им личи дека мојот живот е совршен, но ако размислите дека човек пишува песни со ‘будала’ и ‘ненормален’ сигурно нешто му фали“, рече Јаневски. За жал, поради техничка грешка не ја испеа баладата „Ненормален“, која му е една од омилените.

Песната „Евергрин“ во која раскажува за љубовта која ја чека на култни места во Скопје и е вистински евергрин ја нарече скопска песна. „Има ли скопјани тука? Треба да си ги испееме и скопските песни“, рече Јаневски а во публиката кога се спомена Скопје се служнаа свирежи, најверојатно од охридските фанови. „Од општа култура знаете дека веќе не живеам во Чаир, но мораме да ја испееме и оваа“, рече пејачот кој сега живее во Гевгелија за „Чаирска романтика“.

Антички театар беше полн (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Со радост се сеќаваше и на младешките денови во Охрид, вљубувањата на скриените охридски плажи, а во сеќавањата му помогна и Влатко Плевнеш на клавијатури, познатиот музичар кој е охриѓанец.

„Најдобриот композитор кој оваа земја го имала е од Охрид, Григор Копров. Роден е малку погоре од овде. Не е во ред да не го испочитуваме и во неговиот град да не ја испееме оваа негова песна“, беше најавата за „Црно тиквешко“.

Со силни вресоци, публиката ги повика Јаневски и екипата на бис, за уште две песни, а тој рече дека за убавата вечер се назаслужни бендот и публиката. Владо убаво изненади со некои песни кои обично ги нема во реперторот, но фалеше „Што и да е ќе помине“. Коцертот го организираше продукција „Прагма“.

М. ЏАРОВСКА