НАД 1.000 ПЕЈАЧИ ОД МАКЕДОНИЈА, СРБИЈА И БУГАРИЈА ПЕЕЈА ДВЕ МАКЕДОНСКИ ПЕСНИ ЗА НОВ ГИНИСОВ РЕКОРД

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Повеќе од 1.000 пејачи од Македонија, Србија и Бугарија заеднички ги пееја македонските песни „Ако умрам ил загинам“ и „Ој ти пиле, славеј пиле“ на 13. меѓународен фестивал на шлагери и староградски песни „Пеј срце“ во Ќустендил, во обид да постават нов Гинисов рекорд во хорско пеење.

„Во ревијалниот дел планиравме да бидат 800 учесници, но се случи над 1.000 грла од 60 хорови од овие три земји, од кои осум од Македонија, да ги пеат овие две песни. Претставници на Гинис го следеа настанот и најавија дека во најскоро време ќе излезат со официјален извештај“, вели Донче Караколев, раководител на штипскиот хор.

Тој смета дека ова е нов Гинисов рекорд откако лани 400 учесници ги испеале песните „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ и „Брала мома капини“.

Во натпреварувачкиот дел, два хора од Штип го освоија првото место во категориите староградски песни и хорско пеење на новокомпонирани шлагери.

Т. ЈОВАНОВСКИ