Македонскиот пијанист со светска слава Симон Трпчески e презадоволен од приемот на публиката во Сен Саенс во Франција, особено од изненадувањето од наполитанските пејачи кои за него испеале македонска народна песна.
Трпечски ни рече дека многу се израдувал кога ги слушнал наполитанските пејачи како ја пеат македонската народна „Ај што ми е мило ем драго“.
„Колку прекрасен прием во Сен Саенс од топлата француска публика. Ова беше мојата прва посета на убавиот фестивал ‘Берлиоз’ во малото место, со Младинската симфонија на Украина и Оксана Линив. Фантастичен крај на вечерта беше подарокот за мене од наполитанските пејачи кои настапија на фестивалот, со македонската народна песна ‘Ај што ми е мило ем драго’. Убавината на нашата музика ги топли срцата на нашите драги пријатели од целиот свет“, вели Трпчески.
Пијанистот е на успешна европска турнеја. На 22 август, одржа концерт во Црна Гора, во стариот град во Будва. Претходно, тој свиреше во Амстердам, во концертната сала „Концертгебау“ со романскиот камерен оркестар и маестро Габриел Бебеселеа, на концерт кој бил однапред распродаден.
Трпчески одржа концерт и во Монте Карло, со оркестарската Филхармонија на Монте Карло. На социјалните мрежи, тој објави дека бил на концертот на британската поп-ѕвезда Ед Ширан во Белград.
М. ЏАРОВСКА