Повозрасните генерации кои имаа можност да живеат во бивша Југославија добро паметат одредени трикови поврзани со возењето на „југо“. Некои ставаа шрафцигер на прозорец за да се затвори, вратата ја удираа посилно за да не се отвора при возење, за да запали неколкумина го туркаа, имаше греачи на задното стакло, за како, што се кажуваше на шега, да не ви смрзнат рацете во зима додека го туркате и ред други штосови.
Дел од нив во песната „Југо“, која деновиве доби и спот, ги воспеа битолскиот рапер Дарко Јоцковиќ-Шабац, познат по тоа што мотивација за своите песни наоѓа во секојдневните општествени пулсирања. Во јануари, тој ја сними и песната „Г. И З.“ („Груевски и Заев“), праќајќи порака против опседнатоста на луѓето со бистрење политика.
Во новата песна со поведра тематика, тој пее: „Нема друго како моето југо“, враќајќи ги спомените на времето кога на големо се возело „југо“. Тој останува негова гордост зашто го купил со првата заштеда.
„Моментално немам ‘југо‘, но ‘југото‘ беше прв автомобил што го купив од мојата заштеда. Инспирацијата да ја напишам песната потекнува од оние песни и спотови во кои се преферира скапиот живот. Постојано се споменуваат автомобили како ‘ауди‘, ‘БМВ‘, ‘порше‘, па си реков зошто да не се направи и песна за едно обично, а толку легендарно возило“, вели Шабац.
И во песната пее „знам дека нема смисла за југо песна да пишам, но има луѓе за застава што дишат“.
Поддршка во снимањето на спотот дадоа љубителите и возачите на „југо“ од Битола, кои со своите интересни модели ја збогатија неговата содржина. Текстот за песната го напиша Шабац, снимена е во „Гимел студио“, а спотот го реализираше Дејан Трајчевски.
„Југо“ се произведуваше во Крагуевац од 1978 до 2005. Се раскажува дека првите два прототипа му биле подарени на Тито. Иако се верува дека името го носеше по поранешната држава, сепак, му било дадено по топлиот ветер југо.
Ж. ЗДРАВКОВСКА