НАСТАПУВААТ НА СИТЕ КОНТИНЕНТИ И ПРЕД ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕ – МАКЕДОНСКАТА ТРАНС СЦЕНА ИМА МУЗИЧАРИ СО СВЕТСКА КАРИЕРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дојде летото, а со тоа почна и новата сезона на музички фестивали на отворено.

И додека македонските музичари можат само да сонуваат за пошироки турнеи и настапи пред илјадници луѓе, една релативно мала сцена неекспонирана во јавноста и ова лето ќе растура на светските подиуми. Ако се изземат класичарите, продуцентите на психоделичен транс се единствените македонски музичари за кои може да се каже дека имаат светска кариера.

Македонија од самиот старт фати приклучок со светската транс сцена. Многу се гордеевме со мапата од списанието „Машрум“ од 2001, на која Македонија беше означена како „силно трансерска држава“, заедно со Бразил, Јужна Африка, Австралија, Велика Британија и Грција. Сцената опстана сите овие години, но условите се променија.

Ако во почетокот имаше врвни журки на секои две недели, а ретко кој пробуваше да прави музика, сега е обратно, журките се доста ретки, но експлодираше домашната продукција на псајтранс. Зад проектите Егоритмија, Атриом, Тенгри, Јудиштира, Кала, Џантрикс, Енцефалопатикус, Селестијал интелиџенс… стојат македонски музичари и многу барани диџеи.

Бобан Лазовски е меѓу водечките имиња во прогресивниот транс (Фото: Фејсбук)

Бобан Лазовски почна како дел од Имеџинери сајт заедно со сега покојниот Марко Даравелски, но потоа сврте во друга музичка насока и како Егоритмија стана едно од водечките имиња во прогресивниот транс. Неодамна го издаде својот трет албум, а во септември ќе тргне на нова турнеја.

Пред пандемијата никогаш не сум бил под 30 настапи во странство годишно. Ова лето ќе бидат помалку, ќе одам во Бразил, Полска, Америка и Словенија, ама главната турнеја ми почнува во септември. Причината за тоа е што во декември се разделив со досегашните промотори, па ми ја откажаа целата турнеја и ги испуштив летните фестивали“, вели Лазовски.

Саше Голчев го чека лето исполнето со настапи (Фото: Фејсбук)

И Саше Голчев зад себе има 20-годишна кариера. Тој го формираше Атриом со брат му Лео, а откако музички се разделија, Лео продолжи како Тенгри, а Саше остана носител на изворниот проект. Ова лето го чекаат настапи во Индија, Швајцарија, Русија, Италија, Финска, Белгија, Турција, Португалија…

Годишно имам од 25 до 30 настапи во странство, од кои 15-16 се во периодот мај-септември. Гостувањата во подалечните држави како Бразил и Јапонија секогаш одат со серија од три-четири настапи, а секоја година во зима имам и едномесечна тура во Индија“, вели Голчев, кого за настапите го букираат преку социјалните мрежи или неговата издавачка куќа „Парвати“.

Тој вели дека Македонија е добро позната на мапата на псајтранс музиката.

Фасцинантно е колку многу добри и светски познати артисти има од така мала земја. Боби, Оги, Лео, Даре Кала, Вале, Васе, Џани, Ангел… Ретко ми се случува кога настапувам луѓето да не знаат каде е Македонија, зашто оттука веќе долго време излегува добра музика. На секој голем фестивал има барем еден артист од Македонија“, додава Голчев.

Г. КОНЕВ