НЕ НОСАМ ШТИКЛИ 10 ГОДИНИ – САЊА ДОЛЕЖАЛ ТРИ ЧАСА ТАНЦУВАШЕ НА ПРВИОТ КОНЦЕРТ НА „НОВИ ФОСИЛИ“ ВО СКОПЈЕ ПО 35 ГОДИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската група „Нови фосили“ по 35 години одржа концерт во Скопје сношти во Филхармонијата и нѐ потсети на старите добри времиња, како што вели нејзиниот најголем хит. Последно, „Фосили“ одржа неколку концерти по ред во Универзалната сала, која гореше токму вчера.

Групата сега ја има додавката „Сања, Зец и Маринко“, затоа што од некогашната постава настапуваат пејачката Сања Долежал и гитаристите Маринко Колнаго и Владимир Кочиш-Зец.

Единствениот од првата постава на бендот од 1969, Маринко Колнаго, сега има 82 години (Фото: К. Попов)

„Ги гледам истите девојки во публиката како пред 35 години. Маринко, Зец, ова се вашите девојки од Скопје. Но, се радувам што гледам и млади кои не биле родени кога ги пеевме овие песни“, кажа Сања Долежал, која се симна во публиката на почетокот од концертот и се сликаше со третина од салата.

Шармантната пејачка Сања Долежал во мај ќе наполни 61 година (Фото: К. Попов)

„Не носам штикли веќе 10 години, сега и балетанките ме стегаат“, рече шармантната пејачка, која во мај ќе наполни 61 година.

Облечена во стил како од времето кога како 20-годишна девојка дојде во групата за да ја замени Ѓурѓица Барловиќ, Долежал танцуваше и скокаше на сцената со леснотија слично како во 1987, кога „Нови фосили“ со песната „Јас сум за танц“ (Ја сам за плес) го освои четвртото место на Евровизија во Брисел.

Групата сега ја има додавката „Сања, Зец и Маринко“, затоа што од некогашната постава настапуваат пејачката Сања Долежал и гитаристите Маринко Колнаго и Владимир Кочиш-Зец (Фото: К.Попов)

Својот колега Маринко Колнаго, кој има 82 години, Долежал го нарече легенда која чекори. Колнаго е единствениот жив член на првата постава на бендот од 1969, кога „Фосили“ биле само мажи. За цело време на концертот, Колнаго и Кочиш (75), кој ѝ е кум на Долежал, се шегуваа со приказни за нивната младост и за тоа колку жени имале.

Фото: К. Попов

„Овој блок на песни е за сите оние кои не се со нас. За Ѓурѓица, за Рајко, за Мока и за мојот Нено“, рече Сања Долежал.

Со најубавите балади, таа им оддаде почит на првата пејачка Ѓурѓица Барловиќ, на Рајко Дујмиќ, кој ги напиша најголемите хитови на групата, на првиот тапанар Слободан Момчиловиќ-Мока и на нејзиниот сопруг Ненад Шариќ, кој го замени Мока на тапани, а почина во 2012.

Фото: К Попов

Старите „Фосили“ и новите, бендот од помлади музичари кои ги следат, имаат сила и енергија како порано, па концертот траеше неполни три часа. На бисот, Долежал исполнуваше музички желби на публиката.

„Ви благодарам што заедно се вративме во старите добри времиња“, рече пејачката на крајот. Концертот го организираше „Вајб продукција“.

М. ЏАРОВСКА