На 13 февруари од 20 часот, во Филхармонијата ќе се одржи концертот „Некој ме гледа романтично“ по повод денот на љубовта и виното. Ќе диригира маестро Јерухам Шаровски од Израел.
Како солисти настапуваат Бети Гарсес – сопранистка од Kолумбија, Кевин Шорт – бас-баритон од САД и хорот „Про Арс“. На програмата се композиции од Копланд и Бернштајн и извадоци од операта „Порги и Бес“ од Гершвин.
Бети Гарсес (фото) се смета за една од најистакнатите колумбиски сопранистки. Таа е првата Афроколумбијка која изградила растечка кариера како лирска сопранистка.
Американскиот бас-баритон Кевин Шорт настапува низ целиот свет во репертоар што опфаќа дела од Моцарт, Монтеверди, Верди, Бизе, Вагнер. Неговите настапи во Северна Америка вклучуваат изведби во операта „Метрополитен“ во Њујорк и во оперите во Чикаго, Хјустон, Лос Анџелес, Вашингтон, Сиетл и Филаделфија.