Досега необјавени композиции ќе се најдат на првиот посмртен албум на Енио Мориконе, што ќе излезе на 6 ноември, неколку дена пред она што ќе беше негов 92. роденден. Колекцијата насловена „Тајниот Мориконе“ ќе содржи 27 композиции, напишани во периодот од крајот на 1960-ите до почетокот на 1980-ите, од кои седум претходно необјавени.
Компилацијата ќе биде составена од помалку познати експериментални и иновативни филмски композиции, кои, како што вели неговиот син Андреа, ќе покажат дека Мориконе отсекогаш бил пред времето.
„Тоа се прекрасни композиции. Ова не е Мориконе од неговите најпознати филмови. Тие главно се напишани за филмови кои не биле многу успешни, но тоа не значи дека таа музика е помалку важна“, вели Андреа Мориконе.
Во текот на својата седумдецениска кариера, Мориконе напишал музика за повеќе од 500 филмови и ТВ-серии.