НИКОГАШ НЕМА ДА ГО ВРАТИМЕ СТАРИОТ СЈАЈ НА МАКФЕСТ, РАБОТИМЕ ВО НОВО ВРЕМЕ, РЕЧЕ ШТИПСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ЈОРДАНОВ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (25 октомври) почнува 39. издание на Макфест во Домот на културата во Штип и ќе има две вечери. На прес-конференцијата во Штип, тимот на Макфест објави дека песната „Сафир“, која лани ја испеаја Таско и Малена, е прогласена за најслушаната песна меѓу двата фестивали.

„Драго ми е што по 39. пат успеваме да се носиме со предизвикот. Штип е домаќин на многу гости кои викендов ќе бидат дел од Макфест. Она што ме радува е што и оваа година организациски се подобривме во насока на модернизирање на фестивалот. Никогаш нема да можеме да го вратиме стариот сјај на Макфест, но затоа работиме да го презентираме новиот сјај, онака како што бара новото време и онака како што бара публиката“, рече Иван Јорданов, градоначалникот на Општина Штип, која е организатор на фестивалот.

Уметничкоот директор Роберт Саздов рече дека првата вечер ќе пеат 14 дебитанти и негова желба е сите кои учествуваат на Макфест да имаат голем придонес за македонската музичка сцена. Александар Арсовски, продуцент од Општина Штип, рече дека по завршувањето на првата вечер, во паузата за гласање, шоу ќе имаат Андријана Јаневска и Ѓоко Танески. Најдобрите петмина ќе се пласираат за утрешната финална вечер.

„Ќе гласаат публиката и жирито, а гласовите ќе бидат во сооднос 50:50“, рече Јован Јованов, кој е дел од уметничкиот совет.

Ќе се изведат вкупно 28 нови песни во двете вечери.

Т. ЈОВАНОВСКИ