Џез гитаристот Владимир Четкар вели дека бил на две места за Нова година во Америка, во Чикаго и во Сан Франциско. Четкар во моментов е на американска турнеја. Досега одржа четири концерти, а следат уште два.
„Постојано сум во движење. Новата година ја дочекав на две места: до три часот на новогодишната ноќ бев во Чикаго, па заминав за Сан Франциско. Таму стасав на 1 јануари утрото“, ни рече Четкар.
Во Сан Франциско ќе има настапи на 8 јануари, а потоа се враќа во Чикаго за концерт на 10 јануари.
„Досега одржав четири концерти, во Њујорк, Детроит, Кливленд и Колумбус, од кои последните три беа распродадени“, вели Четкар и додава дека на сите концерти имало многу добра атмосфера.
Охридскиот музичар последниве години е повеќе во родниот град, а помалку во Америка, за разлика од порано, кога во САД беше поголемиот дел од годината.
„Ова ми е најидеалниот баланс досега, кој долго време посакував да ми се случи: во Америка да доаѓам за турнеи и студиски снимања, а во Македонија да бидам поголемиот дел од годината. Порано кога беше поинаку имав константно чувство на носталгија, а сега ми е тамам“, вели Четкар.
Во Америка, тој настапува со тамошни музичари и драго му е што има редовна публика која го следи на настапите.
„Како љубител на уметноста, често посетувам музеи, но и како љубител на кафето, храната и виното, имам свои омилени кафулиња, барови и ресторани“, ни рече Четкар.
Во Сан Франциско, тој ќе одржи два концерта, од 19 и од 21 часот во клубот „Блек кет“.
„Тој е ретка сорта во денешната музичка индустрија. Белегот на Владимир Четкар е неговата способност беспрекорно да ги комбинира неговите многубројни таленти како композитор, гитарист, вокалист, аранжер, оркестратор и продуцент, создавајќи музика со чувство на задоволство“, се вели во најавата на клубот „Блек кет“.
М. ЏАРОВСКА