ОД ШТО ДА СЕ ПЕНЗИОНИРАМ? – ПОЛ МАКАРТНИ НАЈАВИ НОВ АЛБУМ

Лондон, (АФП)

Сер Пол Макартни го најави својот прв албум по пет години, „Египетска станица”, што тој го опиша како еден вид музички патопис, во кој секоја песна истражува нова област.

Легендата на „Битлс“ рече дека албумот ќе излезе на 7 септември, а ќе го најават две песни, „Дојди кај мене” и баладата „Не знам”.

Макартни го сними албумот во Лос Анџелес и Велика Британија со Грег Курстин, славниот американски продуцент, кој работеше на мега-хитот на Адел, „Хелоу”.

Макартни е еден од двајцата живи членови на славната четворка, а лани гостуваше на соло албумот на Ринго Стар. Иако наполни 76 години во понеделникот, тој покажа голема енергија во последните години и одработи светска турнеја во 2016 и 2017 година.

„Јас сум како фудбалерите. Кога ќе ги прашаат кога ќе се пензионираат, тие велат ‘кога веќе нема да уживам во играта’ или ‘сѐ додека ме држат нозете’. Вили Нелсон, кој е постар од мене, кога говорел за пензионирање, рекол: ‘Од што да се пензионирам?’. Мислам дека тоа сѐ кажува. Навистина, од што да се пензионирам?“, вели Макартни.