ОДГОВОРНОСТ Е ДА СВИРИМЕ ВО ГРАДОТ НА АКИ, РЕКОА ОД „ПАРНИ ВАЉАК“ ЗА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Хрватскиот рок бенд „Парни ваљак“ ќе одржи концерт во Скопје на 18 мај, во салата „Јане Сандански“, со новиот пејач Игор Дрвенкар, кој дојде по смртта на Аки Рахимовски.

Хрватската јавност го познава 31-годишниот Дрвенкар од телевизиски музички емисии, пеел во неколку бендови, а настапувал и во мјузикли. Рахимовски беше еден од основачите на „Парни ваљак“ во 1975 и остана во бендот сè до ненадејната смрт во јануари 2022.  

„Наша голема желба и уште поголема одговорност е да отсвириме концерт во Скопје, во градот на Аки, што нашата одлука да продолжиме понатаму ќе ја направи оправдана. Се разбира дека во приказната за ‘Парни ваљак‘ Аки е неизоставен дел и тој секогаш ќе биде во нашите срца“, изјави гитаристот Хусеин Хасанефендиќ-Хус.

Влезниците се во продажба преку мрежата на ticketx.