„ОФФЕСТ“ НАЈАВИ ЗГАСНУВАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ СО КОНЦЕРТОТ НА МАЛИЈКАТА УМУ САНГАРЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Една од најголемите африкански музички ѕвезди Уму Сангаре ќе одржи концерт во Македонска опера и балет во Скопје на 5 јуни, што, како што најавија организаторите, би можел да биде последен настан под етикетата на „ОФФест“.

„Информации за билетите ќе објавиме на 25 март. Тогаш ќе објавиме и дали ‘ОФФест‘ ќе ја има вообичаената програма или од фестивалот ќе се простиме со овој концерт. Ова нема никаква врска со нашиот капацитет како организатори, туку е од објективни, поточно субјективни македонски причини“, кажаа организаторите во најавата на концертот.

Педесетгодишната Сангаре доаѓа од Мали и ја нарекуваат „амбасадорка на Васулу“, историски регион јужно од реката Нигер, од каде што таа ја црпи својата музичка инспирација.

Досега има издадено седум студиски албуми, во 2011 година освои Греми награда и е носител на титулата амбасадор на добра волја на Обединети нации.