ОПЕРАTA „БОЕМИ“ ВЕЧЕРВА СО СОЛИСТИ ОД БУГАРИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Операта „Боеми“ од Џакомо Пучини е вечерва (20 часот) на програмата на 47. Мајски оперски вечери во Националната опера и балет (НОБ). Диригент е Оливер Балабурски, а режисер Дејан Прошев.

Операта е во четири чина, дејството се одвива во Париз кон крајот на 19. век, а либретото е базирано на „Сцени од животот на боемите” на Хенри Мургер.

„Публиката за миг ќе биде пренесена во париските поткровја, кадешто неколкумина сиромашни млади уметници се крепат од идеалите и љубовта и без скршена пара во џебот претендираат да живеат боемски“, велат од НОБ.

Во улогата на Родолфо ќе настапи тенорот Иван Момиров од Бугарија, а Цветелина Василева од Бугарија ќе ја изведе улогата на Мими. Таа има богата музичка кариера настапувајќи во најпрестижните оперски куќи, како Метрополитен во Њујорк, кралската опера „Ковент Гарден“, Државната опера на Берлин и многу други.

Валдис Јансонс од Летонија ќе настапи како Марчело, Андреа Ѕаупа од Италија е Шонар, Музета е Катерина Стојановска, а Владимир Саздовски е Колин.