Англискиот рокер Били Ајдол објави нова музика по седум години пауза и прва откако стана дедо. „Bitter Taste“ е најава на миниалбумот „The Roadside“, кој содржи четири песни и ќе излезе на 17 септември.
Во песната „Bitter Taste“, на која свири и неговиот долгогодишен гитарист Стив Стивенс, Ајдол се навраќа на тешката мотоциклистичка несреќа од 1990, по која не можел да оди речиси една година.

„Мислам дека сите малку се осврнавме на минатото за време на пандемијата. Таа несреќа ми беше повик за будење, по која го оставив непослушниот младешки Били зад себе и станав попосветен татко и почувствителен музичар“, вели 65-годишниот Ајдол.
Тој признава дека животот дополнително му се променил откако лани стана дедо. Мајката на Попи Ребел е неговата 31-годишна ќерка Бони Броуд.
„Откако се роди Попи, станав уште поемотивен. Сè е ново искуство за неа и на некој начин, и самиот повторно ги проживувам тие искуства“, вели Ајдол.