ОВАЦИИ ЗА ТРПЧЕСКИ ВО МОНТЕ КАРЛО, ПРОДОЛЖУВА СО КОНЦЕРТИ НИЗ ЕВРОПА И САД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со блескав настап во „Палатата на принцот“, пијанистот со светска кариера Симон Трпчески синоќа (4 август) го заокружи своето гостување како резиденцијален уметник на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, соопшти здружението за култура и уметност „КултурОп“.

Оттаму велат дека публиката со овации ја поздравила изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Јоханес Брамс, што Трпчески и Оркестарот го изведоа под диригентство на неговиот уметнички и музички раководител, маестро Казуки Јамада од Јапонија. Минатиот месец, тие настапија и во Колмар, Франција.

„Пребирливата публика беше наградена и со изведба на бис на квартет од Брамс од албумот ‘Пријателство’“, велат од „КултурОп“.

За време на резиденцијалниот престој во Монте Карло, што започна во октомври минатата година, Трпчески со своите колеги Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев го изведе и проектот „Македонисимо“.

Во наредниве два месеца маестро Трпчески продолжува со концерти во Холандија, Франција, Германија, Шведска, Романија и САД.

(Фото: КултурОп)