В среда во 20 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија започнува одбележувањето на 30 години од германско-македонските дипломатски односи. Концерт ќе одржат пијанистите Арда Мустафаоглу и Леви Шехтман, кои првпат ќе го претстават проектот „88 димензии“ и ќе изведат класични дела со посредство на компјутерски генерирани ритми.
Ваквата презентација има за цел да ги обедини постарата и помладата публика во заедничко уживање во убавините на класичните дела и за првпат ќе може да се чуе во Скопје.
Леви Шехтман е популарен кај германската и светската млада публика и е заштитно лице на пијаната од брендот „Бехштајн’”. Препознатлив е по уникатниот спој на класичната музика и хип-хопот, комбинирајќи го пијаното со новите технологии во создавањето на посебни модерни ритми и мелодии.
Арда Мустафаоглу е еден од најуспешните македонски млади пијанисти и често одржува концерти низ Европа, за кои добива одлични критики.