ПО ЦЕЛИ 50 ГОДИНИ, „ЈУ ГРУПА“ ЌЕ ОДРЖИ КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Рок бендот „Ју група“ од Белград ќе одржи концерт во Скопје, во Филхармонијата на 1 март, објави „Авалон“. Од продукцијата велат дека концертот го организираат на барање на обожавателите на „Ју група“ од Македонија.

„Групата со неколку големи албуми и многу хитови, верувале или не, немалa концерт во Скопје од 1974 година. Браќата Јелиќ ова лично ни го соопштија зад сцената на нивниот распродаден концерт на Ташмајдан во Белград пред две и пол години. Таму пред сведоци ветивме дека тоа ќе се поправи во прва прилика“, велат од „Авалон“.

Бендот во 1970 го основаа браќата Драги и Жика Јелиќ. Досега сними 12 студиски албуми, а дел од нивните најголеми хитови се „Морнар”, „Чудна шума”, „Јаболко од злато“ (Од злата јабука) и „Црна пеперутка“ (Црни лептир).

Билетите чинат 1.500 и 2.000 денари.