Концертот на полскиот блек метал бенд „Батушка“ во Белград, што требаше да се одржи на 23 ноември, е откажан поради притисокот на јавноста, соопштија организаторите, додавајќи дека не можат да ја гарантираат безбедноста на публиката и на вработените во салата.
Ова следува откако игуменот на манастирот „Свети Петар и Павле“ во гратчето Мионица, Арсеније, повикал на протест за време на одржувањето на концертот, заклучувајќи дека „во Белград доаѓа сатанистичка група“. На снимката објавена на социјалните мрежи Арсеније вели дека групата, според негови сознанија, на бината врши сквернавење на свети предмети.
Здружението на граѓани „Православна култура“ од Ваљево најави дека ќе поднесе кривична пријава против организаторите на концертот и побара негово откажување „зашто претставува навреда за јавниот морал, традицијата и културата на нашиот народ“.
„Батушка“ се прослави со својот музички стил кој комбинира блек метал и црковно пеење, при што текстовите се напишани на старословенски јазик.
(Фото: Г. Конев)