Рамбо Амадеус досега многупати настапил во Скопје и во Македонија, но сега првпат доаѓа како џезер. И, како што вели, тоа е знак дека ќе дочека мирна старост.
Црногорскиот музичар, со вистинско име Антоние Пушиќ, вечерва ќе одржи концерт во „Станица 26“, со почеток во 22 часот, што ќе биде градска сесија број 5 на концертната агенција „3 гонга“. Рамбо во свој стил им се заблагодари што, конечно, некој го препознал како џез музичар, па го ставил да свири во таква програма.
„Мило ми е што во Македонија се појави екипа која го разбира она што го работам. Јас сум свесен дека мене, главно, ме препознаваат по ироничните текстови, но сакам тоа да биде и по интересна музика, блиска до џезот. Мене ми е место меѓу џезери и ова ми е доказ дека можам да очекувам мирна старост. Мене цел живот ме туркаат во рокенрол, а не е баш забавно да се биде стар рокер“, вели Рамбо.
Друга новина што се однесува на вечерашниот концерт е што тој првпат ќе настапи во Македонија како шестчлена група.
„Во Македонија имам свирено едно 130 пати. Имам пеено и на плејбек. Пушти касета и сите се задоволни. Потоа свиревме како трио, па додадов клавијатура и сега за првпат сме секстет. Сите тие се подобри музичари од мене, јас сум само како некој организатор. Ова што ние го свириме е далеку од некој нормален џез, тоа е некој мутантен џез. Поточно, и јас самиот не знам што свирам“.
Тој еднаш настапи и на скопскиот пивофест, но вели дека тоа време е зад него.
„Сега избегнувам манифестации како пивофестови, затоа што таму публиката многу пие, па музиката е во втор план. Ова ми е ретка можност да свирам на џез место и сакам почесто да ми се случува тоа“.
Г. КОНЕВ