„Прл џем“ објавија дека работат на нов албум, додавајќи дека го прават под силно влијание на смртта на Крис Корнел, фронтменот на „Саундгарден“, кој изврши самоубиство во мај 2017 година. Басистот Џеф Ејмент вели дека сѐ уште погодени од овој трагичен настан, бавно работат на нов материјал.
„Ќе беше забавно доколку можевме да снимаме или барем да напишеме песна заедно. Кога почина Крис, ни беше многу тешко да го прифатиме тоа, но животот мора да оди понатаму“, изјави Ејмент за „Ролинг стоун“.
Тој вели дека сега се на половина од процесот на правење нов албум.
„Работиме на албумот и сега сме на половина пат. Имаме доста недовршени работи, што ги почнавме во последните четири-пет години. Мислам дека ќе ни требаат уште шест недели заедничка работа, пред да излеземе со нешто конкретно“, додаде Ејмент.
Последниот албум на „Прл џем“, „Молња“, излезе во 2013 година и беше број еден во САД.