ПРОКОФЈЕВ И ШОСТАКОВИЧ ВЕЧЕРВА ВО „МИСТИЧНА ДЕВЕТКА“ НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Мистична деветка“ е насловен вечерашниот концерт (20 часот) на Филхармонијата, под диригентство на Холанѓанецот Конрад ван Алфен. Виолинистката Фросина Богданоска ќе биде солистка во изведбата на Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Сергеј Прокофјев. На програмата е и Деветтата симфонија од Дмитри Шостакович.

„Уште од Бетовен, секој композитор кога ја пишувал својата деветта симфонија, се соочувал со притисок од јавноста. Шостакович се соочил со драматичен притисок, бидејќи јавноста од него очекувала оваа симфонија да биде епска и со триумфални пропорции. ‘Сакаа да напишам ода, магична деветта симфонија. Не сакав да напишам ода за Сталин, ниту, пак, да биде врзана со проблемите со кои сѐ уште се соочуваше народот. Затоа избрав трета опција’, напиша Шостакович за оваа симфонија“, велат од Филхармонија.

Богданоска завршила дипломски и постдипломски студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисоката оцена во класата на проф. Љубиша Кировски. Во 2010 добила стипендија и понуда за постдипломски студии на Кралската академија во Лондон, а во 2012 запишала специјализација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена. Денес е член на Каринтискиот оркестар на театарот во Клагенфурт. Свири на виолина изработена од нејзиниот татко Светозар Богданоски.