Градоначалникот на Ротердам Ахмед Абуталеб ќе одлучи на почетокот на април дали 65. издание на Евровизија ќе се одржи или не, изјави неговиот портпарол. Тој има правна одговорност да донесе ваква одлука, но смета дека е сѐ уште рано да се даваат изјави по ова прашање.
„ЕБУ и НПО (Холандската јавна радиодифузија) можат и самостојно да донесат одлука. Меѓутоа, јас ја имам правната одговорност и мислам дека е прерано да зборуваме на таа тема“, изјави Абуталеб околу процесот на одлучување.
Според неговиот портпарол, се очекува тој да ја донесе одлуката за фестивалот околу 5 април.
Вчера, холандската влада објави дополнителни мерки за борба против натамошното ширење на КОВИД-19. Сите настани на кои присуствуваат повеќе од 100 лица се забранети до 31 март во целата земја, а ќе бидат затворени и сите универзитети. Училиштата засега остануваат отворени.
Натпреварот за песна на Евровизија ќе се одржи од 12 до 16 мај и се состои од две полуфинални вечери и финале. Учесници од 41 земја ќе ги одмерат силите во ротердамската сала „Ахој“ во обид да го наследат Данкан Лоренс, кој минатата година ѝ ја донесе победата на Холандија.
Васил Гарванлиев e македонски претставник со песната „Ти“ (You). Автор на музиката е Невена Нешкоска, композиторка и продуцентка од Охрид која работи и живее во Чикаго, која го напиша и текстот заедно со сестра ѝ Калина Нешкоска и со Американката Алис Шредер.
И. ТРАЈКОВСКИ