Хитовите на Френк Синатра умешно ги испеа Џон Илија Апелгрен сношти (14 февруари) со Националниот џез оркестар, на концертот по повод Денот на љубовта и виното во Операта.
Апелгрен вели дека како пејач израснал со музиката на Синатра, што јасно се виде и слушна на концертот. Секоја песна ја најавуваше со посебна приказна за него, раскажувајќи ја интересната музичка историја на легендарниот американски пејач и актер. Синатра има снимено многу песни повеќепати, во повеќе верзии.
Снимил и многу песни од други пејачи, како „Тоа е животот“ (That’s Life) од Мерион Монтгомери, промовирана во 1963. Верзијата на Синатра била на четвртото место на топ-листата на „Билборд“, а следејќи го неговиот успех ја преработиле и Арета Френклин, Мајкл Болтон, Џејмс Браун и други. Апелгрен ја кажа и приказната за „Најдоброто допрва доаѓа“ (The Best Is Yet to Come), која Синатра за последен пат во живо ја пеел во 1995, три години пред да почине. Убава поддршка во дуетот за „Нешто глупаво“ (Something Stupid) му беше Јана Трпкова.
„На оваа песна младите љубовници се шетале држејќи се за рака додека ја слушале во парковите, а се надевам дека и вечерва има такви“, рече Апелгрен.
За крај, тој ја остави „Њујорк, Њујорк“, песна која музички го одбележа, а за првпат ја испеал пред 34 години.
„Оваа песна се врзува за мене во Македонија. Синатра ја сними во 1979, а вашиот Џони во 1990 со Ревискиот оркестар на Радио Скопје, во аранжман на Илија Пејовски и оттогаш сѐ што е поврзано со оваа песна во Македонија, асоцира на мене“, рече Апелгрен.
Оркестарот од 17 члена, со кој диригираше Џијан Емин, го заслужи бисот, а публиката ги испрати џезерите и Апелгрен на нозе. Балетски солисти од Националната опера и балет го збогатија концертот со свој настап на неколку песни.
М. ЏАРОВСКА